Триумф на „Диџеј Ахмет“ во Сараево, филмот Унковски освои три големи награди

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се закити со три награди на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантското долгометражно остварување освои „Перспективи на младите“, наградата на порталот „Cineuropa“, како и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.

Жирито посочи дека специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува за ведра и хумористична, но и трогателна приказна, која преку шарената кинематографија и изведбите на младите актери носи силна порака.

„Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот“, стои во образложението.

Филмот освои и награда од „Cineuropa“, вредна 5.000 евра, која се доделува на филмови со уметнички квалитети што промовираат европски дијалог и интеграција.

Покрај тоа, македонската продукција ќе го има честа да го затвори 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (20–26 септември), што ќе биде и официјалната македонска премиера на филмот.

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот Санденс во Јута, каде што доби две признанија – наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.

Филмот е сниман во октомври и ноември минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед, а во останатите – Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага и Метин Ибрахим.

Станува збор за копродукција меѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, компании од Чешка и Србија, со продуценти Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм во 2020 година и 160.000 евра од европскиот филмски фонд Еуримаж.

 

Scroll to Top