Броењето калории не гарантира слабеење: нова студија открива зошто

Не е до калориите: Нова студија открива зошто ултра-преработената храна го саботира слабеењето

Колку пати сте го слушнале советот: „Јади помалку калории отколку што трошиш – и ќе слабееш“? Многумина кај нас ја следат оваа логика – бројат калории, избегнуваат леб, мерат секој залак – но резултатите често изостануваат. Звучи познато?

Нова студија од Универзитетот во Копенхаген конечно дава одговор: не сите калории се еднакви. Ултра-преработената храна влијае на телото на начин што не зависи само од калориската вредност – таа директно го нарушува метаболизмот, хормоните и целокупното здравје.

Што покажала студијата?

Истражувањето опфатило 43 здрави мажи кои три недели следеле две различни диети со идентичен внес на калории, протеини, масти и јаглехидрати. Разликата? Едната група јадела природна храна, а другата – ултра-преработени производи.

Резултати:
– Мажите на преработената диета добиле 1 кг масно ткиво.
– Им се намалиле нивоата на тестостерон и хормони важни за плодноста.
– Во нивната крв се зголемиле нивоата на фталати – штетни материи поврзани со хормонални нарушувања.

Со други зборови – не се дебелееме само затоа што јадеме премногу, туку и поради тоа што јадеме.

Како ова го менува нашиот однос кон храната?

Иако со години се повторуваше дека „калорија е калорија“, оваа студија покажува дека начинот на кој храната е обработена игра клучна улога. Ултра-преработената храна не само што додава килограми – таа го нарушува хормоналниот баланс, го зголемува ризикот од дијабетес и влијае врз плодноста.

Што да јадете наместо тоа?

Наместо ќеса чипс или готово јадење, изберете:
– Мешунки: грав, леќа, наут
– Цели зрна: ориз, јачмен, просо
– Зеленчук и овошје: свежи или варени
– Јатки и семки: ореви, лен, сусам

Scroll to Top