Ѕвездата од серијата „Емили во Париз“, Лили Колинс, привлече внимание со својата интересна улога, насмевка и директност, а малкумина знаеја какви борби имаше додека позираше насмеана на црвениот тепих.
Токму поради Неделата на свеста за нарушувањата во исхраната, Лили сакаше да проговори и да ја сподели својата приказна со сите.

„Сакам да го искористам овој момент за да го привлечам вниманието кон Неделата на свеста за нарушувањата во исхраната. Не знаев како да се справам со болката и збунетоста од разводот на мојот татко и ми беше тешко да го избалансирам мојот тинејџерски живот со две сериозни кариери – кои самата ги избрав, но кои во голема мера се вртеа околу мојот изглед“, започна Лили.
Нејзините проблеми со анорексијата и булимијата започнаа кога имаше 16 години и, како што вели, постојано беше нервозна и исцрпена.

„Јадењето повеќе не беше забавен настан, туку обврска и казна. Постојано бев исцрпена, но мојот план функционираше, чувствував дека имам контрола и бев слаба.“
Лили, поучена од своето искуство, сега се залага никој да не страда во тишина или да се плаши дека ќе биде засрамен за нешто со кое се бори.

„Отвореното зборување за нарушувањата во исхраната беше и останува едно од најстрашните, но најисполнителните искуства во мојот живот. Ако споделувањето на мојата приказна ѝ помага барем на една личност на нејзиниот пат кон закрепнување, тогаш дефинитивно вреди“, заклучи Лили.





