Секое утро го стискате „snooze“? лекарите предупредуваат: оваа навика може сериозно да го оштети срцето и мозокот

За многумина притискањето на „snooze“ копчето е дел од утринската рутина без која не можат да го започнат денот. Дополнителните пет или десет минути сон често изгледаат како спас, но експертите предупредуваат дека оваа навика може да биде многу поопасна отколку што повеќето луѓе мислат.

Според медицински експерти и истражувачи за нарушувања на спиењето, честото одложување на алармот може да биде знак дека организмот не добива квалитетен одмор, дури и ако лицето спие доволно часови во текот на ноќта. Уште позагрижувачки е што оваа навика може долгорочно да влијае врз срцето, крвниот притисок, мозокот и целокупното здравје.

Од Клиниката Кливленд предупредуваат дека луѓето кои постојано имаат потреба повторно да го одложуваат будењето треба сериозно да обрнат внимание на своето спиење. Д-р Рина Мехра, директорка за медицина на спиење во клиниката, објаснува дека проблемот е во тоа што алармот ја прекинува РЕМ фазата на сонот – една од најважните фази за одмор и обновување на организмот.

„Не секој сон е еднаков“, истакнува д-р Мехра, додавајќи дека начинот на кој човек се буди може да открие многу за неговата здравствена состојба.

Во текот на ноќта телото поминува низ повеќе циклуси на сон. Не-РЕМ сонот има три фази – од лесен премин кон сон, преку лесен сон, до длабок и обновувачки сон кој е клучен за регенерација на организмот. РЕМ фазата, пак, започнува околу 90 минути по заспивањето и тогаш мозокот е најактивен, се случуваат најголемиот дел од соништата, а срцето и дишењето работат побрзо.

Проблемот настанува кога алармот ќе го прекине токму овој процес, а лицето потоа повторно ќе се обиде да заспие само неколку минути. Телото веќе е делумно разбудено, па следното будење предизвикува стресна реакција во организмот позната како „бори се или бегај“. Тоа може да доведе до нагло покачување на крвниот притисок и забрзување на срцевиот ритам.

Експертите предупредуваат дека тие дополнителни неколку минути не се доволни телото повторно да влезе во квалитетен и длабок сон, па наместо одмор, организмот добива уште поголем замор.

Британската Национална здравствена служба предупредува дека хронично неквалитетниот сон може да го зголеми ризикот од сериозни здравствени проблеми, меѓу кои дебелина, висок крвен притисок, дијабетес, ослабен имунитет и кардиоваскуларни заболувања.

Поради тоа лекарите советуваат возрасните да спијат меѓу седум и осум часа квалитетен сон секоја ноќ и да избегнуваат постојано одложување на алармот.

„Ако човек редовно чувствува потреба да го одложува алармот и покрај доволно сон, тоа може да биде знак за нарушување на спиењето и треба да се консултира лекар“, предупредува д-р Мехра.

Според експертите, многу нарушувања на спиењето остануваат незабележани со години, а токму тие можат сериозно да влијаат врз секојдневното функционирање, концентрацијата, енергијата и долгорочното здравје.

Scroll to Top