Почина Оливера Катарина – филмската и музичка икона која остави неизбришлива трага во југословенската уметност

Регионалната културна сцена остана без една од своите најголеми уметнички легенди. На 87-годишна возраст почина српската актерка и пејачка Оливера Катарина, потврди нејзиното семејство. Според информациите објавени во српските медиуми, таа починала по кратко боледување.

Оливера Катарина, родена како Оливера Петровиќ на 5 март 1940 година во Белград, дипломирала на Факултетот за драмски уметности, по што започнала блескава актерска кариера која ја вброи меѓу најголемите имиња на поранешна Југославија.

Светската слава ја стекна во 1967 година со главната улога во култниот филм „Собирачи на пердуви“ (Skupljači perja), во режија на Александар Петровиќ. Остварувањето ја освои Големата награда на жирито на Канскиот филмски фестивал и беше номинирано за престижната награда Оскар, а нејзината улога и денес се смета за една од највпечатливите во историјата на југословенската кинематографија.

Публиката ќе ја памети и по улогите во филмовите „Војник“, „Има љубов, нема љубов“ и „Партизани“, додека последен пат на филмското платно се појави во 2008 година во филмот „Čarlston za Ognjenku“.

Освен како актерка, Оливера Катарина остави длабока трага и на музичката сцена. Нејзиниот репертоар опфаќаше традиционални и староградски песни, шансони и романси, а настапуваше на некои од најпрестижните светски сцени, меѓу кои и легендарната „Олимпија“ во Париз. Во текот на својата долгогодишна кариера одржа бројни концерти низ Европа и светот, освојувајќи ја публиката со својот препознатлив глас и харизма.

Својот животен и уметнички пат го овековечи во автобиографијата „Аристократско стапало“, во која искрено зборува за кариерата, успесите и животните предизвици.

За исклучителниот придонес во филмската, театарската и музичката уметност беше добитничка на бројни домашни и меѓународни признанија.

Со заминувањето на Оливера Катарина, регионот изгуби една од најпрепознатливите, најхаризматичните и највлијателните уметници, чие творештво ќе продолжи да живее преку филмовите, музиката и спомените на генерации љубители на уметноста.

Scroll to Top