Односите во британското кралско семејство повторно се во центарот на вниманието. Иако со години најмногу се пишува за конфликтот меѓу принцот Хари и останатите членови на семејството, извори и кралски биографи тврдат дека ниту односот меѓу кралот Чарлс Трети и неговиот престолонаследник, принцот Вилијам, не е особено топол.
Според соговорници на Page Six, таткото и синот имале несогласувања и различни ставови за повеќе прашања, иако денес редовно комуницираат и се свесни дека мора да соработуваат поради иднината на монархијата.
„Проблемот со Вилијам е што мисли дека тој знае најдобро“, изјави кралскиот биограф Хуго Викерс.
Кралскиот автор Роберт Џобсон, пак, тврди дека пред неколку години имало „разлики во мислењата и неколку проблеми“.
„Вилијам мора да се издигне над сето тоа ако сака да биде крал, а и тој и Чарлс знаат дека мора да работат заедно. Има многу одлуки што Чарлс ќе ги донесе, а кои ќе влијаат врз Вилијам“, објасни Џобсон.
Сепак, според него, тоа не значи дека меѓу двајцата постои отворен конфликт.
„Редовно се среќаваат и разговараат. Нема некаков голем проблем“, вели тој.
Заедничките кризи ги зближиле
Повеќе детали за нивниот однос се наведуваат и во новата биографија „William and Catherine: The Monarchy’s New Era: The Inside Story“ на кралскиот експерт Расел Мајерс.
Според Мајерс, Чарлс и Вилијам биле обединети во текот на повлекувањето на принцот Хари и Меган Маркл од нивните кралски должности и заминувањето од Велика Британија.
Дополнително ги зближила и кризата околу поранешниот принц Ендрју и неговите врски со Џефри Епстин.
Според текстот, Вилијам имал улога и во одлуките поврзани со одземањето на титулите на неговиот чичко поради скандалот околу Епстин. Се наведува и дека Ендрју во февруари бил уапсен од британската полиција под сомнение за злоупотреба на јавна функција и бил принуден да го напушти својот дом Royal Lodge во Виндзор. Ендрју ги негира обвинувањата за незаконско постапување.
Извор цитиран во книгата на Мајерс тврди дека, иако кралот ги сака двајцата синови подеднакво, неговиот однос со принцот од Велс станал посилен во периодот кога семејството се соочувало со серија надворешни кризи.
Вилијам е во поинаква позиција од Хари
Како директен наследник на британскиот престол, Вилијам има сосема поинаква улога и одговорност во монархијата.
Џобсон вели дека Вилијам разбира оти тој и неговиот брат Хари имаат различни патишта, различни приоритети, но и различни односи со нивниот татко.
Темата повторно стана актуелна по неодамнешното патување на Хари во Велика Британија. Тој овој месец пристигна со Меган Маркл и нивните деца, седумгодишниот принц Арчи и петгодишната принцеза Лилибет.
Според Page Six, децата го виделе кралот Чарлс првпат по четири години.
Во периодот кога Хари и неговото семејство го посетувале кралот во Highgrove House, Вилијам и Кејт Мидлтон присуствувале на поло-турнир на околу еден час оддалеченост.
Хари претходно зборуваше за односот со татко му
Принцот Хари во повеќе наврати јавно зборуваше за своето детство и за односот со Чарлс, кого го опишуваше како емотивно дистанциран татко.
Во документарната серија за менталното здравје „The Me You Can’t See“ од 2021 година, Хари во разговор со Опра Винфри се присети на зборови што, според него, татко му му ги кажувал кога бил помлад – дека ако одредени тешкотии биле дел од животот на Чарлс, тогаш ќе бидат дел и од животот на неговите деца.
Хари тогаш рече дека не се согласува со таквиот пристап и дека родителот кој имал негативни искуства треба да направи сè што може тие да не се повторуваат кај неговите деца.
Малку веројатно помирување меѓу Вилијам и Хари
Иако Чарлс повторно воспоставува контакт со Хари, и покрај критиките што неговиот помлад син ги изнесе за кралското семејство во мемоарите „Spare“ и документарната серија „Harry & Meghan“, изворите не очекуваат дека тоа автоматски ќе доведе до помирување меѓу браќата.
Џобсон смета дека позицијата на Вилијам е прилично јасна.
Според него, во моментов нема знаци дека принцот од Велс планира помирување со Хари, бидејќи двајцата избрале различни животни патишта.
Сепак, разликите меѓу Вилијам и Чарлс се од поинаква природа. И двајцата се свесни дека иднината на британската монархија бара тесна соработка, особено затоа што одлуките што Чарлс ги носи како крал директно ќе влијаат врз системот што Вилијам еден ден треба да го наследи.
А токму карактерната особина поради која Вилијам понекогаш влегува во несогласувања со татко му може, според Викерс, еден ден да се покаже како негова предност.
„Треба да му дадеме шанса. Можеби ќе биде одличен крал“, заклучува кралскиот биограф.






