Американскиот рапер Снуп Дог ќе биде водител на годинашното доделување на Видео музичките награди на Ем-ти-ви, кое на 27 септември ќе се одржи во Лос Анџелес. Со ова, престижната музичка церемонија првпат по 2017 година се враќа на Западниот Брег на САД.
Шоуто ќе се одржи во театарот „Пикок“, а ќе се емитува во живо на Си-би-ес и Ем-ти-ви, како и преку стриминг-платформата „Парамаунт плус“. Покрај улогата на водител, Снуп Дог ќе биде вклучен и како извршен продуцент на церемонијата.
Раперот вели дека ангажманот има посебно значење за него поради неговата долгогодишна поврзаност со телевизијата и со музичките награди.
„Ем-ти-ви и Видео музичките награди се дел од мојата приказна уште од почетокот. Некои од најголемите моменти во мојата кариера се случија на таа сцена и на Ем-ти-ви. Тие му дадоа простор на хип-хопот да биде гласен, бестрашен и видлив за целиот свет“, изјави Снуп Дог.
Тој додаде дека враќањето на сцената како водител, по сите овие години, за него претставува момент во кој кругот се затвора.
Посебно задоволство, како што рече, му претставува можноста повторно да соработува со долгогодишниот продуцент на Ем-ти-ви, Ван Тофлер.
„Ван беше таму во раните денови на Ем-ти-ви, кога ја менувавме културата во реално време, и имаме долга заедничка историја. Сега ќе создадеме нова историја. Видео музичките награди отсекогаш биле место на незаборавни моменти, а верувајте ми, ќе ви приредиме уште неколку“, порача раперот.
Снуп Дог досега бил номиниран 13 пати за наградите на Ем-ти-ви, а освоил три статуетки. На сцената на ВМА првпат настапил во 1994 година, додека во 1999 година го затворил шоуто заедно со Д-р Дре и Еминем.
Во 2005 година учествувал во настап посветен на Ноториус Б.И.Г., а во 2022 година повторно се појавил на сцената со Еминем. Тогаш ја извеле заедничката песна „From the D 2 the LBC“ во настап инспириран од светот на метаверзумот.
На листата со номинации годинава води Мадона со 11 номинации, во голема мера благодарение на краткиот филм создаден за нејзиниот нов албум „Confessions II“. Зад неа е Тејлор Свифт со девет номинации, додека Аријана Гранде и Сабрина Карпентер имаат по седум.
За наградата Видео на годината конкурираат краткиот филм „Confessions II“ на Мадона, „The Fate of Ophelia“ на Тејлор Свифт, „Hate That I Made You Love Me“ на Аријана Гранде, „I Just Might“ на Бруно Марс, „Storm“ на Џенерејшн и Јанг Лин и „Tears“ на Сабрина Карпентер.
На церемонијата групата „Нирвана“ ќе ја добие престижната награда „Видео вангард“ за своето влијание врз музичките видеа и популарната култура. Имињата на изведувачите, презентерите и специјалните гости ќе бидат објавени дополнително.






