Меџити: Србија избра промена – волјата на граѓаните е посилна од секоја власт

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, оцени дека исходот од предвремените парламентарни избори во Србија претставува победа на промената и тежок политички пораз за Александар Вучиќ и неговиот модел на владеење.

Во својата објава, Меџити порача дека по 14 години владеење, политичките промени отвораат можност Србија да се оддалечи од авторитарното управување и од наследството на Слободан Милошевиќ и национализмот што го обележа регионот.

„Контролата врз медиумите, притисокот врз противниците и заробувањето на институциите не успеаја да ја направат власта на Вучиќ вечна. Неговиот случај покажува дека ниту еден лидер не е незаменлив и дека ниту една власт не е посилна од волјата на граѓаните“, истакна Меџити.

Осврнувајќи се на „Отворен Балкан“, тој оцени дека крајот на политичката доминација на Вучиќ би можел да означи и крај на, како што го нарече, неговиот проект за регионална доминација.

Според Меџити, регионот треба да ја искористи можноста за соработка заснована врз рамноправност, реципроцитет и почитување на суверенитетот на секоја држава.

„Отворениот Балкан треба да биде рамноправен Балкан, а не регион во сенка на нечии доминантни амбиции“, порача тој.

Меџити нагласи дека сменливоста на власта и отчетноста се суштински за демократијата. Политичарите, според него, се претставници на граѓаните, кои имаат право и да им го доверат и да им го одземат мандатот.

Во објавата се осврна и на соработката меѓу албанските политички сили во Прешевската Долина. Според неговите наводи, заедничкото дејствување овозможило обезбедување најмалку два пратенички мандата во новиот состав на српскиот парламент.

Тој го оцени тоа како порака за значењето на политичкото обединување и заедничкиот настап во застапувањето на интересите на граѓаните.

Scroll to Top