Со години важеа за еден од омилените холивудски парови, а зад нивната разделба се криело едно од најтешките поглавја во животот на актерката Оливија Вајлд. Таа отворено проговори за крајот на врската со актерот Џејсон Судеикис и за предизвиците со кои се соочиле додека се обидувале да најдат заеднички јазик како родители.
Гостувајќи во поткастот „The Interview“ на „Њујорк тајмс“, актерката и режисерка откри дека денес е горда на односот што го изградила со поранешниот вереник, но призна дека патот до таа рамнотежа не бил лесен.
Вајлд и ѕвездата на серијата „Тед Ласо“ заедно ги воспитуваат синот Отис и ќерката Дејзи.
„Навистина сум горда на тоа колку добро заедно ги воспитуваме нашите деца. Успеавме да постигнеме здрава рамнотежа“, рече актерката.
Таа, сепак, нагласи дека добриот однос меѓу поранешните партнери не се создава преку ноќ и дека за тоа се потребни време и труд.

„Тоа е многу тешко. Секој што се преправа дека е лесно, како само свесно да се разделувате и потоа да наоѓате начин, зборува глупости“, порача Вајлд.
Актерката смета дека за децата е важно да растат во средина во која родителите се искрени за своите чувства. Според неа, децата ги забележуваат конфликтите дури и кога возрасните се обидуваат да ги сокријат.
„Чувствувам олеснување затоа што можам да им овозможам живот со родители меѓу кои постои вистинска искреност за тоа како се чувствува секој од нив. Кога се обидувате да ги скриете меѓусебните конфликти од децата, тие го чувствуваат тоа. Тие се најинтуитивните личности во домот“, објасни таа.
Оливија и Џејсон се запознале во мај 2011 година на забава по повод завршувањето на сезоната на емисијата „Saturday Night Live“. Две години подоцна ја објавија свршувачката, но никогаш не стапија во брак. Нивната врска заврши во 2020 година, а во септември 2023 година постигнаа договор за заедничко старателство над децата.
Во претходно гостување во поткастот „Call Her Daddy“, Вајлд објасни дека сегашниот родителски договор ѝ овозможува целосно да им се посвети на децата кога се со неа, а на работата кога тие поминуваат време со својот татко.
Актерката претходно призна и дека крајот на долгогодишната врска ѝ го променил погледот кон љубовта, семејството и сопствениот идентитет.
„Кога нема да успеете да ја одржите врската, се чувствувате како да сте доживеале неуспех, особено ако станува збор за личност со која имате деца“, рече таа.
Разделбата ја опиша како најтешката и најболна одлука што ја донела во животот. Со текот на времето, сепак, заклучила дека за нивните деца не би било подобро да останат во заеднички дом во кој родителите повеќе не се усогласени.






