Николоски од Виена: Македонија ќе биде главна крстосница на Балканот со проекти вредни до 6 милијарди евра

Македонија реализира и подготвува крупни инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, чија вредност се движи меѓу 5 и 6 милијарди евра, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. Виенски економски форум.

Пред учесниците на форумот, Николоски зборуваше за развојот на патната и железничката инфраструктура, но и за потребата од посилна економска соработка меѓу земјите во регионот и нивен заеднички настап на европскиот пазар.

Според него, регионалното поврзување е важно за зголемување на конкурентноста и постигнување повисок економски развој.

„Предизвикот за земјите од нашиот регион е како заеднички да настапуваме на европскиот пазар, како да се натпреваруваме со конкуренцијата и како да постигнеме повисоко ниво на развој“, истакна Николоски.

Тој посочи дека активно се работи на изградбата на железничката инфраструктура на источниот дел од Коридорот 8, додека подготовките за почеток на изградбата на брзата железница на Коридорот 10 се во напредна фаза.

Паралелно со железничките проекти, како што наведе, се реализираат активности за доизградба и модернизација на патната инфраструктура на Коридорот 8, преку изградба на автопати и експресни патишта.

„Наша цел е Македонија да стане вистинска крстосница на Балканот, каде што ќе се спојуваат бизнисот и економијата и ќе придонесеме за зајакнување на безбедноста“, порача министерот.

Николоски оцени дека Виенскиот економски форум е можност за претставување на македонските развојни политики, воспоставување нови деловни контакти и привлекување потенцијални странски инвеститори.

Тој ја истакна и потребата од силни меѓународни партнерства, додавајќи дека ваквите средби отвораат можности за нови форми на институционална соработка со европските партнери.

Scroll to Top