Заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, учествува на 23. Виенски економски форум, каде што ќе говори за економските политики, предизвиците во регионот и стратешките инфраструктурни проекти што се градат во земјава.
Николоски е во работна посета на австрискиот главен град, а неговото обраќање е предвидено на панел-сесијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“. На панелот тој ќе се осврне и на соработката со земјите од регионот.
Годинешното издание на форумот се одржува под мотото „Виенски дијалог за иднината 2026 – заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици“.
На настанот е предвидено да учествуваат членови на Бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите од Западен Балкан, претставници на Европската Унија и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Покрај регионалната економска соработка, учесниците ќе разговараат и за предизвиците поврзани со проширувањето на Европската Унија.
„Виенски дијалог за иднината 2026“ е официјално признат од Европската комисија во рамки на глобалниот настан „Форум за проширување на ЕУ 2026“.
Виенскиот економски форум има цел да ги поттикне економскиот развој и соработката во регионот од Јадранското до Црното Море и пошироко, како и да придонесе кон европската интеграција и унапредувањето на заедничките европски вредности.






