Земјите од регионот треба заеднички да работат на поголема конкурентност на глобалниот пазар, а Македонија се насочува кон подобро патно и железничко поврзување со соседите. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на 23. Виенски економски форум.
Говорејќи на панел-дискусијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“, Николоски се осврна на предизвиците за заеднички настап на европскиот пазар, можностите за економски напредок на регионот и инвестициите во инфраструктурата.
Тој порача дека економиите во регионот се мали за самостојно да бидат конкурентни на глобално ниво и дека соработката е неопходна, и покрај политичките и историските предизвици.
„Наш предизвик, но истовремено и наша задача, е да соработуваме сите економии што ги претставуваме. Без разлика дали станува збор за мојата земја или за која било друга земја од регионот, факт е дека нашите економии се премногу мали за да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Дури и целиот регион, гледан како една целина, е премал за самостојно да биде глобално конкурентен“, рече Николоски.
Според него, земјите треба да работат заеднички и покрај сложеното минато на регионот.
„Свесен сум дека тоа не е лесна задача, имајќи ги предвид политичките предизвици, политичкото минато и историското наследство на регионот. Но, и покрај тоа, тоа е задача што мораме да ја преземеме и на која мораме заеднички да работиме“, додаде тој.
Николоски истакна дека едно од клучните прашања во претстојниот период е дали земјите од регионот ќе успеат да го подигнат квалитетот на она што го нудат на пазарот.
Брза железница од границата со Грција до границата со Србија
Во делот посветен на инфраструктурата, вицепремиерот зборуваше за проектот за брза железница што треба да се протега од границата со Грција до границата со Србија. Според него, подготовките се во напредна фаза, а почетокот на изградбата го очекува напролет.
„Што се однесува до железницата, се наоѓаме во многу напредна фаза на подготовка за започнување на работите на проектот за брза железница, која ќе се протега од границата со Грција до границата со Србија. Очекувам изградбата да започне на пролет“, рече Николоски.
Тој ја процени инвестицијата на приближно две милијарди евра и оцени дека станува збор за проект што ќе биде најголемиот поединечен инфраструктурен проект во Југоисточна Европа.
Железничко и патно поврзување на Коридорот 8
Николоски зборуваше и за железничкото поврзување со Бугарија, посочувајќи дека двете земји постигнале договор и работат на реализацијата на проектот.
„Ние веќе инвестираме околу 810 милиони евра во железничкото поврзување, а Бугарија презема слични активности на своја територија“, изјави тој.
Според вицепремиерот, во понапредна фаза е патното поврзување, при што двете страни вложуваат напори за негово реализирање. Од македонска страна, како што рече, работите до границата со Бугарија се завршени и веќе има изградено автопат или експресен пат.
Тој додаде дека заедно со Европската Унија се работи и на западната железничка врска со Албанија.
Николоски процени дека, кога ќе се соберат активностите на коридорите, станува збор за инвестиции од приближно пет до шест милијарди евра.
„Нашата цел е земјата да стане важна крстосница, со што ќе придонесеме не само за растот на бизнисот и економијата, туку и за зајакнување на безбедноста“, порача Николоски на форумот во Виена.






