Општина Прилеп објави втор јавен повик за еднократна парична помош од 3.000 денари по дете за семејствата со првачиња. Барањата може да се поднесат од 17 до 23 ноември 2026 година.
Повикот е наменет за родителите кои не аплицирале на првиот повик и досега не ја добиле финансиската поддршка за учебната 2026/2027 година.
Право на помош имаат лица со живеалиште на територијата на Општина Прилеп, чии деца за првпат се запишани во прво одделение во основно училиште на подрачјето на општината. Услов е барателите претходно да не го оствариле ова право за истата учебна година.
Кои документи се потребни?
Родителите треба да ја достават следната документација:
- Пополнето барање;
- Копија од документ за идентификација;
- Трансакциска сметка;
- Извод од матичната книга на родените за детето;
- Оригинална потврда од училиштето дека детето е запишано во прво одделение.
Документите се поднесуваат преку Архивата на Општина Прилеп, на улица „Прилепски бранители“ бр. 1.
Од Општината посочуваат дека нецелосните и ненавремено поднесените барања нема да бидат разгледувани. За повеќе информации за условите и постапката, родителите можат да го погледнат официјалното соопштение на Општина Прилеп.






