Актерот Милан Калиниќ осуден на 10 месеци затвор

Српскиот актер и водител Милан Калиниќ е осуден на условна казна десет месеци затвор за тепачката што ја предизвика на натпреварот Црвена Ѕвезда – Партизан во април 2019 година. Тој не смее да го повтори делото во следните две години, во спротивно казната ќе ја служи во затворот во Белград.

Покрај условната затворска казна, Калиниќ е казнет и со 850 евра, а забрането му е да присуствува и на натпреварите на Црвена Ѕвезда една година. Дополнително, секој пат кога ќе играат кошаркарите на Ѕвезда Калиниќ ќе мора да се пријави во полициска станица и да остане таму до крајот на натпреварот.

Во образложението на пресудата се вели дека е докажано дека Калиниќ имал намера да предизвика немири, а не да ги спречува.

„Калиниќ е виновен за напад врз оштетениот пред почетокот на натпреварот, откако му ставил јакна на главата и го удирал со тупаници. Судот смета дека вината е докажана и прашањето е само дали Калиниќ реагирал на таков начин со цел да се спречат понатамошни немири или да се предизвикаат. Бидејќи на фотографијата се гледаат двајца членови на обезбедувањето до него, утврдено е дека целта не е да се спречат, туку да се предизвикаат немири“, стои во образложението на пресудата.

За потсетување, во април 2019 година, пред кошаркарскиот натпревар меѓу Црвена Ѕвезда и Партизан, имаше голема тепачка во која учествуваше и Калиниќ. Конфликтот настана поради место во ВИП-делот за седење. Еден навивач заврши со крвава глава, а конфликтот го запре Драган Шутановац, поранешен министер за одбрана, кој се нашол на натпреварот.

 

Scroll to Top