Аца Лукас ќе ја претставува Србија на Евросонг во Италија

Српскиот естраден менаџер Саша Мирковиќ преку својот Инстаграм профил објави дека Аца Лукас ќе биде претставник на Србија на Евровизија следната година во Рим, Италија. Тој е убеден во победата на пејачот на Беовизија и на Евросонг, бидејќи верува дека цела дијаспора би гласала за таква ѕвезда, пренесуваат српските медиуми.

„Не е лесно да се победи, но ќе се обидеме поради Србија“, напиша Мирковиќ во својата објава. 

Истата слика ја објави Лукас со коментар: „Ќе даде Бог. Следната година во Рим“.

Иако многумина мислеа дека се работи за шега, сепак Мирковиќ за српските медиуми откри дека сериозно се подготвуваат за натпреварот.

„Не е шега. Песната ја напиша Владимир Граиќ и ја привршуваме. Тоа е сериозна балканска балада. Наскоро ќе се пријавиме на натпреварот на РТС. Важно е дека Аца е ѕвезда и целата дијаспора, почнувајќи од Европа до Австралија, ќе гласа за него. И не само Србите во дијаспората, туку и останатите“, вели Мирковиќ.

Тој направи споредба помеѓу Лукас и Марија Шерифовиќ, која победи на Евровизија во 2007 година.

„Аца ја носи таа популарност и ми ја олеснува работата. Го немав тоа со Марија. Морав да се борам, целиот товар падна на мене тогаш, морав да ја анимирам публиката да гласа. Тоа е разликата“, посочува тој.

Извори од РТС велат дека конкурсот за Беовизија е објавен и дека ќе трае до ноември. Натпреварот за избор на победникот ќе се одржи во февруари следната година.

Scroll to Top