„Бев сексуално злоставувана и едвај се изборив со депресијата“, Тајчи искрено за минатото

Хрватската пејачка Тајчи, која ја претставуваше Југославија на Евровизија во 1990 година со песната „Хајде да лудујемо“, откри дека била сексуално злоставувана кога била тинејџерка. Таа не кажа повеќе детали за тоа што ѝ се случило, но ги изненади нејзините обожаватели, бидејќи веста ја објави на интернет-страната на нејзината компанија.

„Како мајка на тројца синови и креативна претприемачка, секојдневно се справувам со многу стрес. Низ животот се справував и со некои навистина големи работи: ги изгубив сопругот и таткото поради ракот, со години се борев со депресијата и анксиозноста, како тинејџерка доживеав сексуално злоставување и се борев повторно да се засакам себеси и да си ја вратам самодовербата“, напишала Тајчи на официјалната веб-страница на нејзината компанија преку која организира тури за крстарење.

Откако пред една година сопругот на Тајчи почина од рак, пејачката од Америка се врати да живее во Хрватска. Таа почна свој бизнис и организира луксузни крстарења по хрватското крајбрежје. На своите гости им држи мотивациски говори и предавања, а организира и часови по медитација и јога. На крстарењата што траат по осум дена, гостите на Тајчи посетуваат неколку хрватските градови и имаат можност да пробат далматинска храна и локални пијалаци.

Scroll to Top