Босанскиот пејач Дино Мерлин поради пандемијата сите концерти и настапи закажани за оваа година ги одложи за 2022 година.
„Тогаш може да почнеме да размислуваме за турнеи. Се надевам дека ќе се вратат старите времиња кога ќе биде можно да се полнат арени и стадиони“, рече Мерлин за емисијата „Во свој филм“.
Тој додаде дека по земјотресот во Хрватска му било страв да спие во својот стан, но дека конечно го сторил тоа, откако морал да биде во Загреб за да гостува во емисија.
„По долго време конечно спиев во мојот стан, па ги разбирам тешкотиите што ги претрпеа луѓето во Загреб поради земјотресот. Имам стан во Доњи град, мојот стан беше оштетен и требаше една година да се поправи. Но, тоа не е ништо во споредба со она што го претрпеле другите луѓе. Сепак, добрата вест е што по толку време, повторно спиев во мојот стан и се чувствував добро“, додаде Мерлин.