Дома сум и готвачка и чистачка, откри Брена пред концертот во Скопје

Фолк-ѕвездата Лепа Брена викендов одржа концерт во Скопје, за кој сè уште се зборува. Пред концертот, таа за  „Репортер“ раскажа за празничното расположение во домот на семејството Живојиновиќ. Вели дека уште од октомври ја накитиле елката, а дека снегот нема да ги изненади, оти веќе им се спремни лопатите во гаража.

„Кај нас дома празничното расположение почна пред неколку месеци. Веднаш по концертот во Белградска арена, на крајот на октомври ја накитивме елката и се подготвивме за снегот што пред некој ден падна во Белград. Дома имаме метли и лопати за расчистување на снегот, па оваа декемвриска ситуација не може да нè изненади. Ова за мене е најубавиот период од годината, кога семејството е заедно. Низ годините сфатив дека тоа што се случува дома е наше, приватно, заедничко, а ние сме обични луѓе кои сакаат да уживаат едни со други. Кога сме дома нема познати и популарни личности, сите сме обични луѓе – мајки, татковци, деца, готвачи, бебиситери, чистачки, а јас го правам сето она што една жена треба да го прави дома. Навистина уживам во сите овие активности“, ни раскажа Брена.

Фолк-ѕвездата не ја крие радоста дека ќе стане баба и дека со нетрпение го чека раѓањето на внукот.

„Многу се радувам што ќе добиеме внук во март, тоа ми го грее срцето веќе некое време. Мислам дека тоа е нешто најубаво што може да му се случи на некој човек. Јас многу сакам мали деца, и го обожавам тој семеен живот, сакам да сум дома, опуштена, надвор од сцената. Следната година на сите ќе ни биде во знакот на бебето, знам дека сите ќе го негуваме, ќе сакаме да поминуваме што е можно повеќе време со него“, додаде таа.

За годината што помина, вели дека е задоволна, затоа што ѝ се случувале убави работи на музички план, вклучувајќи го и јубилејот 35 години музичка кариера.

„Ова беше многу успешна година за мене. Снимив документарен филм за мојата работа, промовирав нов албум и на некој начин заокружив еден дел од кариерата што трае цели 35 години. А во новата година на сите ви посакувам брдо пари, брдо злато, дијаманти околу вратот и многу, многу здравје“.

А. Јовановска

(Галерија) Брена е како Тина Тарнер, се симна од покрив и го фрли Скопје во транс

Scroll to Top