Аница Јуриј, поранешната домашна помошничка на Тарик Филиповиќ, го обвини глумецот и ТВ-водител дека се обидел да има секс со неа во времето кога работела за него, пренесува „24 сата“. Тарик пред две години ја тужеше Аница дека украла накит од неговиот дом во вредност од 5000 евра, а таа сега, на судското рочиште, во своја одбрана рекла дека златото не го зела сама, туку дека во чантата ѝ го ставил популарниот водител за да ја замолчи.
„Се однесуваше непристојно со мене. Ме допираше за рамената еднаш кога останавме сами во станот, ме привлекуваше со телото кон него, алудираше на секс. Бев шокирана и веднаш го оттргнав од себе, а тој ми вети дека ќе ми надокнади за се. Си заминав од станот, и дури кога бев во трамвајот сфатив дека во чантата е златото за кое Тарик и неговата жена Лејла тврдат дека сум го украла“, рекла 52-годишната Аница на судењето.
Таа додала дека е сигурна дека златото во чантата ѝ го ставил Тарик. Жената, потоа го продала златото, а на судењето рекла дека сакала што побрзо да се ослободи од него, затоа што се чувствувала понижено од постапката на водителот. Адвокатите на Филиповиќ ја прашале зошто порано не кажала што се случило, но Аница одговорила дека „не била во ситуација да може да го тужи Тарик“, но и дека нема објаснување зошто на никого не му кажала што ѝ се случило.
Тарик, кој не бил во судницата, потоа за „24 сата“ изјавил: „Тоа се одвратни лаги“.