Милица Ѓурѓиќ, партнерката на премиерката на Србија Ана Брнабиќ, е на насловната страница на престижното модно списание „Л’официел“. Милица се сликаше за арапското издание на списанието, а во интервјуто ја промовира српската култура, зборува за модата, но и за синот Игор, што го доби со Брнабиќ по девет години љубов.
„Ја сакам модата, но не сум нејзин роб. Не ги следам трендовите. Го носам она што сакам и во што се чувствувам добро“, вели таа.
На прашањето во кои познати дами наоѓа инспирација, Милица рече: „Има многу значајни жени во српската историја, кои особено се истакнале во тешки времиња. На пример, Ксенија Атанасијевиќ, првата жена што докторирала на универзитетот во Белград, големата сликарка Милена Павловиќ-Барили, а и храбрата Билјана Србљановиќ.“
Милица, која е докторка и работи во Клиничкиот центар на одделот за радиологија, раскажува и за своите омилени места во Белград.
„Има две места кои ги обожавам – хиподромот и филхармонија. И двете се автентични и уникатни. Белградскиот хиподром е најстариот спортски објект, место полно со историја и емоции, нешто во што уживаат цели семејства. Таква е филхармонијата, која и мојот син многу ја сака. Тој ја сака музиката и често одиме заедно на концерти таму“, открива таа во интервјуто.