„Фрајле“ останува без една членка на групата

Новосадската група „Фрајле“ станува трио, откако Марија, заради која групата се формираше пред 12 години, си заминува од бендот. Наташа и сестрите Невена и Јелена ќе продолжат да работат на нови проекти, најавија девојките во последното заедничко интервју што дадоа за „Хелоу“.

„По 12 години прекрасно пријателство, дружење и многу концерти, донесов тешка одлука да ја напуштам групата. Причината е мојата деловна обврска што моментално ја имам и поради која не можам да бидам потполно посветена на групата. Нема расправии или скандали, се разделуваме во мир за љубовта да преживее, тоа е најдобрата одлука за сите нас“, вели Марија.

„Фрајле“ се една од најпопуларните групи во регионот и често имаат настапи во Македонија. Последниот концерт во Скопје го одржаа лани летото и тогаш во интервју за „Репортер“ ни открија дека секогаш се забавуваат кога се тука.

„Сакаме да се прошетаме во Старата чаршија, да каснеме баклава, ајвар. Имавме и дечковци од Македонија, Македонците се вистински фраери“, рекоа тогаш и додадоа дека едвај чекаат да помине пандемијата за да им се вратат на настапите во живо, по кои се познати.

Scroll to Top