Еден од најпопуларните југословенски музичари, Бајага и неговите „Инструктори“, вчеравечер на Антички во Охрид направија топ журка. Под отворено небо тие пееја за публиката од сите генерации и со своите безвременски хитови ги размрдаа сите што дојдоа на концертот. Играше и публиката, ама се журкаа и тие што не успеаја да купат билети. Некои концертот го слушаа од покрај оградата, а други од терасите на куќите покрај Антички, како пред короната, времињата кога тука се одржуваа сите големи летни концерти.
Бајага и овојпат не потфрли и направи забава за која ќе се зборува уште долго. Во Антички речиси и да немаше празно место, онолку колку што дозволуваат ковид-протоколите. А забавата почна уште со првата песна. Од најмладо до најстаро, сите со кренати раце ги пееја неповторливите „Зажмури“, „Од кад тебе волим“, „Руски воз“, „Плави сафир”, „Са друге стране јастука”, „Тамара“… Песните со Бајага звучеа одлично и свежо, како секојпат до сега. Публиката со аплауз и овации им даваше поддршка, како да сакаше да им каже дека журката не треба да заврши.
„Во овие 36 години секогаш имаме млада публика пред нас, и тоа многу нè радува, што создадовме песни за сите генерации“, рече Бајага и продолжи да ги пее и познатите евергрини „Живот је некад сив, некад жут“, „Године пролазе“, „Песна против малери“, но и хитовите од најновиот албум.
Ја испеа и „Твоје очи“, песната што рече дека ја напишал за Здравко Чолиќ, а потоа се врати и на бис и кажа дека секогаш се радува кога пее во Македонија.
Концертот во Охрид беше првиот од двата што ќе ги одржи викендов. Вечерва Бајага ќе пее во Хераклеја во Битола. Двата концерта ги организира Авалон продукција.