Со врескање, овации и силен аплауз, публиката од цела Македонија го пречека Здравко Чолиќ на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје. Балканската ѕвезда доцнеше, но ги освои на прва. Флертуваше и ги поздрави присутните со препознатливиот шарм. И иако на почетокот стадионот беше полупразен, додека се редеа „Продужи даље“, „Мјеркам те мјеркам“, „Красива“, градски се полнеше со обожаватели од сите генерации.
„Добровечер Скопје. И на сите што дојдовте од другите градови. Срцето ми е големо секогаш кога ќе дојдам кај вас. Ноќта е жешка, под полна месечина, ајде заедно да уживаме“, рече на почетокот популарниот сарајлија.
Чолиќ не криеше дека е возбуден што настапува на Градски стадион. Пееше, се разладуваше со вода, а со малку вода ја испрска и публиката што беше пред бината. Се забавуваше тој, се забавуваа и фановите. Ги крена на нозе и оние што седеа на трибините, иако, таму потфрли озвучувањето. На цел глас се пееја „Појачај радио“, „Ноч ми те дугује“, „Станица Подлугови“, „Моја драга“, „Ти си ми у крви“, сите безвременски хитови на Чолиќ.
По повеќе од десет години ова е прв концерт на Чолиќ на градскиот стадион. Тој пред неколку месеци двапати ја наполни арената „Борис Трајковски“. Организатор на концертот на Здравко е „Прагма продукција”.
Текст и фото: Редакција „Репортер“