Актерката Даниела Штајнфелд во Вишото јавно обвинителство во Белград откри дека актерот Бранислав Лечиќ е мистериозниот моќник од филмската индустрија кој ја силувал кога имала 21 година, пренесе порталот Нова.рс.
Штајнфелд пред неколку дена била повикана во Вишото јавно обвинителство за да ја дополни својата претходна изјава. Во присуство на адвокат, таа зборувала за своето трауматско искуство, а за кое јавноста дозна пред неколку месеци во нејзиниот документарец „Држете ме цврсто“. Според порталот, Штајнфелд го обвинила актерот Бранислав Лечиќ за силување, иако претходно неговиот идентитет го криеше од јавноста. Таа тогаш само откри дека моќник од филмската индустрија ја силувал и дека ѝ требало долго време да ја надмине траумата, а од трав не кажала ни на семејството ни на пријателите. Таа вели и дека ова се случило додека работела на еден проект со него. Бидејќи тој ѝ се заканил дека мора да молчи, таа од страв се преселила во САД.
По сослушувањето на Штајнфелд, која се прослави со улогата на Мариола во филмот „Ивкова слава“, обвинителството во Белград сега треба да одлучи како ќе постапи понатаму. Се очекува Лечиќ да биде повикан да ја каже својата приказна во врска со пријавата на актерката.
„Не можам да коментирам толку чувствителна тема сè додека не добијам покана од Обвинителството и не добијам црно на бело дека сум обвинет за такво нешто“, рекол Лечиќ за медиумите, откако во јавноста се дозна дека Штајнфелд го обвинува него за силување.
Лечиќ, освен што е актер, е и опозициски политичар, поранешен министер за култура и поранешен висок функцинер на Демократска партија на Србија.