Босанскиот пејач Халид Муслимовиќ бил приведен откако 45-годишна жена пријавила дека ја тепал и ѝ се заканувал. Според „Аваз“, покрената е истрага откако С.Б. го пријавила пејачот во полициската управа во Бања Лука, велејќи дека ја нападнал во Козарац додека со автомобил се возеле кон Бања Лука, каде што живее таа.
Жената пријавила дека се скарале на 27 јули меѓу 2 и 3 часот наутро, по што тој неколкупати ја удрил по лицето и телото, а по доаѓањето во Бања Лука ја исфрлил од автомобилот. Информациите за босанските медиуми ги потврдил и портпаролката на полициската управа Бања Лука. Според неа, Муслимовиќ се товари дека сторил кривично дело „нанесување на телесни повреди и загрозување на безбедноста“.
Но, пејачот демантирал дека ја удрил, и рекол дека таа го удирала него.
„Точно е дека од Козарац тргнавме кон Бања Лука. Беше пијана, и бидејќи се познаваме оти ми ги работеше турнеите по Австралија, не сакав да оди со такси или да ја вози некој што не го познава, па ја возев. Таа мене ме нападна во автомобилот, а не јас неа. Да бидам до крај искрен, од почетокот имаше некои амбиции кон мене. Бараше да не ја враќам дома туку да останам со неа во станот во Бања Лука. Не се согласив и таа збесна. Беше многу пијана. Постојано бараше да застанам со автомобилот, да излезе надвор. Ја измисли целата приказна. Не е точно дека ја претепав. Како господин ја донесов до станот. Излажа за да ми направи лошо“, рекол Халид.