Ќе се снима филм за животот на Џеј Рамадановски насловен по неговата најпопуларна песна  

По големиот успех на филмот „Тома“ за животот на Тома Здравковиќ, Филмскиот центар на Србија откри дека во 2023 година ќе се снима филм и за починатиот пејач Џеј Рамадановски. Филмот ќе се вика „Недела“, според една од најпопуларните песни на Џеј. Сценариото е на Стефан Бошковиќ, а режисер ќе биде Немања Ќераниќ. Приказната ќе се фокусира на детството на пејачот и растењето во дом за деца без родители.

„Возбудливата приказна за животот на Џеј е дадена без прекумерна патетика, со впечатливи ликови. Сценариото ќе се придржува до важните факти од биографијата на пејачот, со цел да предизвика симпатии кон главниот лик, без да ја занемари суровата реалност со која Џеј беше принуден да се соочи од дете“, велат од комисијата на филмскиот центар на Србија, која ќе го финансира снимањето на филмот.

За потсетување, Џеј почина лани на 6 декември во сон. Имаше 56 години. Лекарите подоцна потврдија дека срцето престанало да му работи. Џеј беше погребан во Алејата на заслужните граѓани во Белград, а го испратија со песната „Недела“.

Scroll to Top