Кога ќе дојде бебето, ќе бидам среќна: Манекенката Даниела Димитровска за бракот со Огнен Амиџиќ

Даниела Димитровска (34), манекенката со македонско потекло и сопруга на шоуменот Огњен Амиџиќ, веќе неколку години не се занимава со моделинг. Таа сега има своја агенција и вели дека веќе воопшто не ѝ недостасуваат деновите кога снимаше едиторијали и одеше по светските модни писти да ја рекламира облеката на познатите дизајнери. Наместо тоа, посветена е на сопругот, со кого е во брак десет години, и на нивниот син Матија (7). Во интервју за „Стори“, Даниела вели дека со Огњен сакаат да имаат уште едно дете и дека тоа ќе ги направи пресреќни.

„Со текот на времето научив дека треба да уживам во она што го имам, да бидам благодарна и да се радувам на она што следува. Сакаме уште едно дете. А кога ќе дојде бебето, ќе бидам среќна“, вели таа.

Даниела не крие дека семејството ѝ е секогаш на прво место. Таа по дедо потекнува од Македонија. Иако не доаѓа често тука, вели дека секогаш со задоволство се враќа во местото од каде што влече корени. Поради нејзиното македонско потекло, Огњен во 2014 година со „Фламингоси“ ја направи песната „Македонка“ и ѝ ја посвети на Даниела.

Љубовта меѓу манекенката и водителот трае повеќе од десет години. Даниела често вели дека Огњен не ја освоил на прва, но откако се заедно, не може да го замисли животот со некој подобар и позабавен човек. Во интервјуто раскажува дека двајцата се посветени на синот Матија, но дека му дозволуваат да изгради сопствен карактер и да ужива во секоја негова емоција.

„Сега е во фаза кога имитира постари деца, се однесува како да е во пубертет. Тој тренира пливање, почна да игра фудбал и сака да игра игри. Тој игра со деца, но сака да биде во комуникација преку интернет со деца од странство, бидејќи добро зборува француски и англиски јазик. Францускиот му е прв јазик во училиште и тој го знае совршено. Англиски научи со игри. Јазиците се врата кон светот денес и мило ми е што му одат добро. Тој е шармантен на татко му“, вели Даниела.

Додава и дека воопшто не ѝ недостига работата ни модните писти. Вели, манекенството сега го остава на помладите девојки. Има своја модна агенција и постојано бари млади, талентирани девојки на кои може да им обезбеди кариера во странство.

 

„Од оваа перспектива, кога ќе замислам дека треба да одам четири или пет светски модни недели по сезона, не би сакала. Повеќе немам чувство на возбуда кога ќе помислам на тоа. Ми се допаѓа кога ги посетувам модните центри во рамките на мојата агенција, тоа е мојот омилен дел од работата. Работам од мојата 14. година, правам работи во кои уживам. Кога се занимавав со моделинг, повеќе се грижев за парите. Имаше такви околности, штедев и се плашев да си купам, да речеме, скапа торба. Околностите се променија, но јас сум и денес рационална, иако трошам пари полесно, а за подобри работи. Со текот на времето, научив дека парите се енергија и дека треба да ги потрошите за да ги добиете назад“, вели таа.

 

 

Scroll to Top