Мајка ми шест месеци собираше 30 марки за да ми купи дуксер, Андрија Милошевиќ за лошите години во времето на војната

Црногорскиот актер Андрија Милошевиќ (43) неодамна гостуваше во емисијата „Сценирање“, каде што откри некои помалку познати детали од својот приватен живот.

Тој е роден на 6 август 1978 година во Подгорица. Своето детство го поминал во Никшиќ, а подоцна се преселил во Белград, каде што живее и денес.

Во емисијата тој раскажа дека детството го поминал во планините кај баба му, каде што чувале овци, заедно со другарите, а веќе на 13-годишна возраст научил како да јава коњ без седло. Покрај убавите моменти од својот најран период од животот, тој раскажа и за лошите. Во 90-тите години од минатиот век, за време на детството и младоста, тоj и неговото семејство живееле во голема сиромаштија.

„Мајка ми шест месеци собираше 30 марки за да ми купи дуксер. Но, не беше тоа толку трагично. Не копнеев премногу за материјалните нешта. Туку, едноставно, ќе ти се допадне нешто, но немаш услови за тоа. Во тој период имаше инфлација и војна, но успеавме, продолживме понатаму“, вели тој.

На 16 години почнал да работи за да обезбеди подобар живот за себе и за домашните.

„Прва година од средното образование завршив во Подгорица, а на почетокот на втората година се запишав на факултет. Додека студирав, факултативно го завршив и средното образование. Почнав да работам на 16 години. Имам 25 години работен стаж. Од самиот почеток имав желба да придонесувам, да работам и да се осамостојам“, вели тој.

Додека го завршувал образованието, меѓу работите што ги извршувал за да обезбеди егзистенција за живот било и доставувањето весници.

Во емисијата тој раскажа и за односот со родителите, како и за мајка му, која почина на 64-годишна возраст во 2019 година. За неа вели дека е херојката на неговиот живот.

„Таа беше херојка на многумина во нашето семејство и кои ја познаваа. Мајките се посебни ѕвезди на небото. Мајките треба да се чуваат и да внимаваме на нив затоа што, кога ќе си заминат, таа празнина никогаш не може да се закрпи“, вели актерот.

Тој додава дека, без разлика на тоа колку години има некој, кога ќе ја загуби својата мајката, станува сирак.

Scroll to Top