Ме малтретираше и ми велеше дека не сум убава, па паднав во депресија: Сузана Манчиќ за разводот со првиот маж

Славната лото девојка Сузана Манчиќ, која беше сон на многу мажи во поранешна Југославија, ги изненади обожавателите кога во 1989 година се омажи со Небојша Куниќ од популарната група „Седморица млади“. Тие се разведоа по осум години, а ги имаат ќерките, Теодора и Наталија. И иако долго време зборуваше дека љубовта исчезнала, Сузана неодамна првпат раскажа дека Небојша психички ја малтретирал и дека тоа биле најлошите години во нејзиниот живот.

„Ме омаловажуваше, велеше дека веќе не сум убава и млада. Честопати знаеше да каже дека треба да сум среќна што сум се омажила, зашто ако тој не решел да ме земе за жена, воопшто немало ни да се омажам. Почнав да паѓам во депресија, па редовно одев на психолог,“ се сеќава Манчиќ.

Таа вели дека љубовта и бракот со Небојша се родиле од долгогодишно пријателство. И иако многу мажи беа заљубени во неа и ја бараа за жена, нејзината одлука да се омажи со Куниќ ја изненади јавноста. Подоцна таа се пошегува дека, всушност, таа го запросила него.

„Многу мажи сакаа да се оженат со мене, а на крајот јас го запросив мажот на кој му бев трета сопруга. Се омажив од голема љубов, но љубовта е расиплива стока, таа лесно исчезнува“, рече Сузана во една прилика.

Во екот на славата, таа се повлече од јавниот живот и му се посвети на семејството. За време на кризата во 1990-те години, Небојша се занимаваше со приватен бизнис, па таа го придружуваше на сите патувања. Со нив одеа и двете ќерки. Но, како што се омажи брзо, така брзо и се разведе.

„Еден ден решив да го оставам и да си заминам со децата. Веќе не можев да издржам“, вели таа.
Сузана раскажува и дека по разводот со Куниќ, мислела дека веќе никогаш нема да сака некого. Но, во 2000 година таа го запозна грчкиот банкар Симеон Окомокос.

„Имаше денови кога мислев дека можеби не сум вистинската личност за долга врска, брак. Меѓутоа, се покажа дека грешам, дека сум. Само требаше да го најдам вистинскиот човек, човек кој ме разбира, кого јас го разбирам“, рече водителката.

Се гледаа на релација Атина-Белград, одеа на патувањата низ светот, а летото 2018 година, се венчаа.

„Конечно сум вистински среќна и сакана“, вели Сузана.

Scroll to Top