Меѓу солзавецот и камењата: Трите новинарки што известуваа од демонстрациите во Белград се главна тема на социјaлните мрежи

Српските репортерки од програмата „Н1“, Јелена Зориќ, Татјана Алексиќ и Жаклина Таталовиќ, синоќа известуваа во речиси невозможни услови за време на протестите кои се случуваа низ улиците на Белград.

Сите три станаа хит на социјалните мрежи и добија пофални коментари

„Јелена Зориќ од ‘Н1’, е многу убедлива и храбра. Сè она што е најдобро во смисла на новинарството таа го извлече вечерва“, е само еден од коментарите.

Трите новинарки синоќа се најдоа во толпата демонстранти и кон нив летаа солзавци, шишиња и камења од сите страни. И покрај ризикот да настрадаат, тие продолжија докрај да ја извршуваат својата професионална обврска.

Во еден момент ТВ-екипата избегна удар од автомобил што се залета кон нив и кон демонстрантите со голема брзина.

Полицијата се обидела да го спречи снимањето како ги тепаат демонстранти, но заедно со снимателите Вук Мијаровиќ, Александра Цврковиќ и Вук Дапчевиќ тие продолжиле да ја вршат својата работа.

Јелена Зориќ за порталот „Нова.рс“ откри како изгледаше сето тоа од нејзина перспектива.

„Сè уште имам главоболка од солзавецот, но можам да кажам дека единствено што сакав и се надевам дека успеав, беше да известувам професионално, објективно и непристрасно“, вели Јелена Зориќ.

Таа вели дека не се исплашила, дури ни кога работите излегле од контрола.

„Кога ќе ја изберете таа професија, не размислувате многу за стравот, ниту снимателот не размислува за страв“, вели Јелена.

„Она што луѓето забораваат е дека новинарот е шеф на тимот, но во вакви ситуации снимателот е сè. Дури и да не кажав ништо, сликата зборуваше за себе. Минатата вечер ми беше чест да работам со Александар Цврковиќ и се обидов да го испратам достоинствено“, истакнува новинарката.

Протестите беа предизвикани од вчерашната најава на српскиот претседател Александар Вучиќ за воведување полициски час поради влошената епидемиолошка состојба и, како што рече еден демонстрант, општото незадоволство од состојбата во оваа земја.

Scroll to Top