„Некогаш во Скопје ме интересираше ноќниот живот, одев во дискотеки и кафеани, денес сакав да се прошетам низ градот, да го видам ‘Воинот на коњ’“, ја почна својата приказна српскиот глумец Миодраг Радоњиќ за „Репортер“. Тој викендов во Скопје го промовира филмот „Јужен ветер“, во кој глуми еден од главните ликови, Бачо, член на српското подземје. Миодраг, кој е еден од најпопуларните млади глумци во Србија, досега играл во дваесетина серии и филмови, меѓу кои и „Убијците на мојот татко“, „Ќе бидеме светски шампиони“, „Непобедливо срце“. Во ексклузивно интервју тој ни раскажа за дружењето со Небојша Глоговац на снимањето кому улогата во „Јужен ветер“ му беше последна во кариерата, за ликот на Бачо, за спомените што го врзуваат за Скопје.
„Репортер“: Ова не е твоја прва посета на Скопје. Колку се сменети работите од последниот пат кога беше тука?
„Во Скопје првпат дојдов како студент на фестивалот ‘Скомрахи’, популарниот фестивал на студентски театарски претстави. Во тоа време повеќе ме интересираа кафеаните и дискотеките отколку гледањето споменици и тогаш не видов многу од градот. Ама сега стигнав порано, сакав да го видам ‘Воинот на коњ’. Денес научив и дека улицата на која живее мајка ми во Белград, ‘Гоце Делчев’, го добила името по вашиот револуционер. А и храната ви е супер, посебно тавче-гравче. Тоа никогаш не го пропуштам во Скопје“.
„Репортер“: Во „Јужен ветер“ немаш заеднички сцени со Небојша Глоговац, но велиш забавно било да се дружите на снимањето. Каков впечаток ти остави тој?
„Со Небојша се запознав уште во театар, долго пред да го снимаме овој филм. Тој беше прекрасен човек. За него секој имаше впечаток дека го знае целиот живот, а само затоа што го гледал на телевизија. Небојша беше топол, со широко срце. Знаеше да ги купи сите со својата љубов и топлина, со генијалните улоги што ги играше“.
„Репортер“: Во филмот глумиш сирак што нашол прибежиште во белградското подземје. Ти беше ли тешко да се соживееш со ликот на Бачо?
„Не беше тешко, но беше напорно. Бачо е комплексен јунак, но јас уживав додека го играв. Ликот го базирав на некое свое искуство во животот што го имав како дете кога во 90-тите растев во Коњарник, предградие на Белград. Таму можеше да се види сè оти тоа беше такво време во Србија. Со директно искуство научив многу. Не учествував во криминалите, ама гледав, слушав, видов што правеа некои луѓе и тоа потсвесно ми се врежало во главата. Тогаш не знаев дека ќе бидам глумец, ама, ете, нешто што го доживеав тогаш го пренесов во оваа улога. Инаку, се трудам да правам селекција на улоги и да избирам ликови што ми прават задоволство. Ние глумците велиме: Одам да играм претстава или играв во филм, значи ние си играме. А игра без радост и без љубов кон тоа не постои“.
„Репортер“: Што ти беше потешко, да влезеш во ликот или потоа да излезеш од карактерот што го глумеше?
„Комплицирано е. Ликот е секогаш дел од тебе, ликот си ти. И најголемите глумци што имаат врвни транформации, како Даниел Деј-Луис, на пример, мислам дека лесно се извлекуваат од ликовите. Не е тоа некоја патологија, да полудиш ако глумиш лудак, па да не можеш да излезеш од ликот. Барем со мене е така со сите ликови што сум ги играл досега“.
„Репортер“: Комуницираше ли со луѓе од белградското подземје додека ја спремаше улогата за да бидеш поуверлив во тоа што го правиш?
„Запознав некои луѓе. Не ми помогнаа тие намерно, но за улогата ми беше од голема помош тоа што ги запознав“.
„Репортер“: Кога почнавте да го снимате филмот, очекувавте ли толку добри коментари и гледаност со која соборувате рекорди?
„Искрено, не очекувавме. Ама и не правевме филм што ќе ѝ се додворува на публиката. Ние само работевме на една тема, се концентриравме на тој свет кој во одредени моменти е исклучително суров, а на моменти е многу шармантен, духовит. Јас лично не очекував дека толку многу млади луѓе ќе уживаат во филмот. Добивам пораки од луѓе дека и по неколкупати биле во кино да го гледаат филмот. Големо задоволство е филмот да се гледа во кино. Во себе има некоја магија. Чувството не завршува кога ќе се појави одјавната шпица, туку луѓето, откако ќе го изгледаат, коментираат, раговаараат за него. Тоа го прави ‘Јужен ветер’ посебен. Мислам дека сите што се денеска тука во ‘Синеплекс’ ќе имаат слична реакција“.
Андријана Јовановска