На 66 години почина легендарната актерка Мира Фурлан

Познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан почина на 66-годишна возраст, е објавено на нејзиниот профил на „Твитер“. Таа починала во средата, 20 јануари, но информацијата беше објавена денеска.

Веста ја потврди и нејзиниот пријател, авторот на американската научнофантастична серија „Бабилон 5“, Мајкл Страчински, во која Фурлан ја играше амбасадорката Минбари Делен.

„Ноќ на голема тага бидејќи нашата пријателка и другарка тргна по патот каде што не можеме да ја стигнеме. Но, како и за сите нешта, со време ќе ја стигнеме и верувам дека таа ќе има многу приказни и многу нови улоги што ќе ги сподели со вселената“, објави Страчински.

 

Една од најпопуларните југословенски актерки од Хрватска и секс-симбол во 80-тите, Мира Фурлан, емигрира во САД во 90-тите. Во ново интервју лани за српскиот RTV се осврна за алармантната состојба во САД.

Фурлан ланската година ја помина во самоизолација во Лос Анџелес. Таа тука живееше и работеше во филмското училиште. Во брак беше со српскиот режисер Горан Гаиќ. Откри дека пандемијата во САД се претворила во политички проблем, кој ја поделил земјата.

„Контрола нема, републиканците отвораат, демократите затвораат. А Трамп? Не вреди да се разговара за него. Луѓето се занимаваат со неговите твитови, а многу лоши работи се кријат зад завесата, на лудилото нема крај“, раскажа таа лани.

Велеше дека влијанието на пандемијата е силно кај луѓето така што сè повеќе се оддалечуваат.

„Вирусот многу нè промени. Го чувствувам тоа. Се плашиме од близината на другите. Не само по бојата, полот и нацијата, туку како човек од човек“.

Иако паузирала од предавањата поради карантинот, сепак продолжила онлајн со помош на апликацијата „Зум“, што ѝ прави тешкотии.

Фурлан играше во славните филмови како „Татко на службен пат“ на Кустурица, „За среќа требат двајца“ на Рајко Грлиќ, како и во ТВ-сериите „Вело место“, „Непокорен град“ и други. Во САД е позната по улогите во сериите „Изгубени“ и „Бабилон 5“.

Славната актерка пред пет години беше меѓу главните гости и почесни членови на главното меѓународно жири на новиот филмски фестивал „Киненова Скопје“, што се одржа во октомври, на повеќе локации во Скопје.

Scroll to Top