„Не го разбирам национализмот“, велеше Мира Фурлан која заради забранета љубов избега од Хрватска, па напрви кариера во Холивуд

Мира Фурлан, една од најпопуларните југословенски актерки, која подоцна оствари кариера и во Холивуд, почина по долго боледување на 65 години во САД, каде што избега со сопругот Горан Гајиќ во почетоците на распадот на Југославија.

Веста за смртта на познатата филмска и театарска актерка ги потресе нејзините блиски, но и пошироката светска јавност. Фурлан оствари над 50 филмски и телевизиски улоги во осумдесетите години од минатиот век, проследено со статусот на еден од најголемите секс симболи.

Таа беше на ударот на јавноста поради врската со српскиот режисер Горан Гајиќ и животот на релацијата Загреб-Белград, но никогаш не криеше дека напуштањето на родната земја и на професијата го гледала како единствено решение за време на немирите што го зафатија регионот.

„Јас бев од оние кои навистина веруваа во братство и единство, но не само на нашите народи. Не го разбирам национализмот, можеби тоа е резултат на моето воспитување во атеистичко и антинационалистичко семејство“, изјави Фурлан пред неколку години.

Поради љубовта кон Гајиќ, таа беше прогласена за предавница. И беше одземен целиот имот, а добивала и смртни закани.

Со Гајиќ се запознале во 1986 година. Откако наскоро започнале врска, хрватските медиуми ја обвинија дека се приклонува кон Србија и во раните 90-ти и објавија текстови во кои ја нарекуваа предавница.

Таа ја раскажала приказната за начинот на кој сопругот ја освоил. Вели дека тој се искачил на јарболот на бродот што ги однел од Хвар до Вис.

„Гледајќи го како се држи до тој неописливо висок јарбол со една рака, сфатив дека тој е човек кој не се плаши. Конечно, си реков. Моите претходни средби со луѓето од спротивниот пол беа претежно средби со целосно преплашени мажи“, раскажала Фурлан.

Фурлан често посетувала психијатар, поради што била изложена и на јавни осуди. Откако ја отпуштиле од Хрватскиот народен театар, станот што го наследила од нејзината баба ѝ бил одземен, а таа добивала по 50 смртни закани на ден.

Мира и Горан биле принудени да се преселат во Белград во 1991 година, од каде заминале во САД. Тие таму направиле сè за да преживеат. Горан работел како доставувач, асистент и уредник, а Мира како келнерка, продавачка и преведувач.

Подоцна го добиле синот Марко Лав. Во периодот од 2004 до 2008 година, таа глумела во американската серија „Изгубени“, која постигна планетарен успех, а беше и исклучително популарна во Србија.

Наскоро постигнала исклучителна репутација во Америка, а во 2014 година добила понуда да предава на филмската академија во Лос Анџелес, а потоа и на филмската академија во Њујорк.

Scroll to Top