„Не сакам децата да ми растат во црна дупка“ – Никола Којо заминува од Србија

Српскиот глумец Никола Којо, во интервју за порталот Klix.ba, откри дека сака да замине од Србија со семејството, бидејќи „Балканот е црна дупка што ги голта своите луѓе“. Неговата одлука по 40 години успешна кариера да ја напушти земјата ја изненади јавноста. Неофицијално, тој ќе се сели во Словенија, и веќе поднел документи во словенечката амбасада во Белград.

„Ќе ви откријам дека се подготвувам да  се отселам одовде, иако имам 52 години и сè уште не можам да зборувам за дестинацијата. Не мислам да ја поминам староста овде, ниту моите деца да растат во една ваква црна дупка што ги голта своите луѓе. Причината е сето ова лудило, односно беззаконие, анархија, сето ова што го зборуваме за политичарите што ни земаат од чиниите, велејќи дека тие создаваат нешто за нас“, вели Којо во интервјуто.

Којо со сопругата

Познатиот глумец 2007 година се ожени со Александра Ѓуриќ со која има три ќерки, постарата Ана и близначките на кои никогаш не им ги откри имињата во јавноста.

Којо во кариерата глумел во голем број филмови, претстави и серии, а публиката најмногу го памети по улогите во филмовите „Жикина династија“, „Ние не сме ангели“, „Убавите села убаво горат“, „Ивкова слава“ и други.

Scroll to Top