Обожавател со нож ја нападна Дара Бубамара

Обожавател со нож ја нападнал српската фолк-пејачка Дара Бубамара оти не го прифатила неговото додворување, пишува српски „Ало“. Инциденот се случил викендов, за време на настапот на Дара во клуб во Париз. Додека таа пеела, напаѓачот се затрчал кон неа со нож во раката, но обезбедувањето го сопрело на време.

„Човекот беше насилен и безобразен додека стоеше пред локалот. Нон-стоп ме прашуваше кога ќе дојде Дара. Му реков дека таа веќе е тука, но ќе може да влезе кога ќе се смири“, рекол за медиумите Јанчи Вираг, кој со години обезбедува познати личности што доаѓаат во Париз.

Тој раскажал дека човекот си заминал, а по половина час повторно се приближил, овој пат молејќи го да му дозволи да влезе зашто сакал да ја види пејачката.

„Сè беше во ред, таа пееше, а тој стоеше близу бината. Ја снимаше со телефонот, ја знаеше секоја нејзина песна. Ѝ праќаше бакнежи и се обидуваше да ѝ го привлече вниманието кон себе. Хаосот настана кога Дара го заврши првиот блок песни и најави пауза. Тој ја повика, но таа од музиката не го слушна. Тогаш налутено тргна по неа, а јас по него. За среќа, го фатив за рака и видов дека држи нож. Го соборив на земја, па не стигна до Дара. Потоа го исфрливме од локалот и викнавме полиција“, рекол Вираг.

Дара, иако вознемирена, го завршила настапот и со силно обезбедување го напуштила клубот, пишува „Ало“.

Scroll to Top