Музичарот Мирослав Шкоро на крајот на оваа недела официјално ќе ја објави својата кандидатура за претседател на Хрватска, пишува „Вечерњи лист“, повикувајќи се на изворите блиски до него. Шкоро засега планира да биде независен кандидат, но не ја исклучува можноста за разговор со различни политички опции и доколку ги прифатат неговите ставови, постои можност за соработка.
„Вечерњи лист“ тврди дека Шкоро ќе ја финансира кампањата со свои пари.
Прва соработничка во изборниот тим ќе му биде неговата сестра Весна Вучемиловиќ.
Хрватскиот весник пишува дека актуелната претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, за сега нема поднесено официјална кандидатура за уште еден мандат, а дека единствениот кој поднел кандидатура е поранешниот премиер на земјата и лидер на опозициската партија СДП, Зоран Милановиќ.
Шкоро е пејач на народна музика. Досега има објавено 11 албуми.