По долги години го најдов гробот на дедо ми во Солун

Српскиот актер Иван Босиљчиќ на 27 и 28 април ќе настапи во Скопје со музичката претстава „Неколку стихови за вас“. Истата претстава на 29 април ќе ја изведе и во Струмица. Тој за македонската публика освен што ќе пее, ќе рецитира и поезија. Босиљчиќ е сопруг на познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ, со која е речиси седум години во брак и ја имаат ќерката Нина. Тој пред неколку години настапуваше во Македонија, а секоја средба со нашата публика вели дека за него е голем настан.

„Има нешто посебно што ме врзува за Македонија. Без оглед дали сум гостувал со претстава или сум имал концерти или, пак, сум дошол да се видам со пријатели, секогаш нешто цврсто ме врзувало за вас“, рече Босилчиќ за „Репортер“.

На неговиот настап во МОБ на сцената ќе го придружуваат четири музичари.

„За публиката подготвувам музичка и поетска вечер. Би сакал луѓето да дојдат и заедно да уживаме. Настапот е моја искрена исповед раскажана низ стиховите на големите поети, музика што сите можеме да ја пееме на глас во спомен на пејачите што веќе не се меѓу нас. Ќе пеам на македонски, руски, српски, романски, ќе рецитирам поезија од Есенин, Шантиќ, Арсен Дедиќ, но и стихови од вашиот Анте Поповски“, ни раскажа тој.

На концертот Иван ќе говори и за своите животни искуства, за бракот, родителството, за љубовта, за која вели дека за малку ќе ја пропуштел.

„Откога почнав да ја изведувам претставата внесов неколку измени во неа. Еден посебен момент му е посветен на мојот прадедо кој загинал на Солунскиот фронт пред еден век. Со години баба ми и моите родители го бараа неговиот гроб во Солун. Јас конечно го најдов лани. И долго седев покрај него. Интензитетот на таа средба го внесов во мојот настап“, вели Иван.

Вели дека секогаш се радува кога е во Македонија. Честопати е тука и приватно, а потенцира дека е особено задоволен од македонското гостопримство.

„Дома се враќам полн со живот. Оваа поврзаност трае уште од детството, кога почнав да одам на играорна. Учевме народни игри и музика од целиот регион, и сите беа специфични по нешто, ама мене најинтересна и највозбудлива ми беше македонската изворна музика. Преку 15 години играв активно, а фасцинацијата од македонскиот мелос не ме напушти никогаш. Го сакам гостопримството и отворената потреба на Македонците да поделат силни емоции. И јас сум од тој тип луѓе. Затоа се разбираме“, рече Иван за „Репортер“.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top