По концертот во Скопје, Чолиќ ќе сними спот во Македонија

Балканската ѕвездата Здравко Чолиќ денес е во Скопје за да го најави концертот што ќе го одржи на 15 јуни на стадионот „Тоше Проески“. Расположен, на средбата со новинарите, тој откри дека со нетрпение чека повторно да запее пред македонската публика, но и дека наскоро ќе снима спот во земјава.

„Секогаш кога пеам во Македонија чувствувам посебна енергија, постои посебна поврзаност меѓу мене и публиката. Со нетрпение чекам да се сретнеме пак, сите на едно место. И додека сум тука, се договоривме мојот следен спот да го снимам во Македонија, но мислам дека тоа ќе се реализира по концертот во јуни“, рече Чолиќ со насмевка.

Пејачот на прес-конференцијата се потсети и на настапот што пред речиси 20 години го имаше на плоштадот во Скопје, на бесплатниот концерт на отворено, кога пееше пред околу 120.000 луѓе.

„Знам дека таа бројка нема да се повтори. Но мене ми е поважна енергијата што ќе ја добијам од мојата публика на концертот. Ова е уште еден нов предизвик за мене, па едвај чекам да дојде денот на концертот“, додаде Здравко.

Концертот на Здравко Чолиќ е во организација на „Прагма продукција“, а организаторите велат дека очекуваат околу 60.000 луѓе да дојдат на стадион. Ова е трет концерт на балканската ѕвезда во само неколку месеци, тој лани во ноември двапати пееше во распродадената арена „Борис Трајковски“.

Редакција „Репортер“

Scroll to Top