Почина Марина Туцаковиќ, најпознатиот текстописец во поранешна Југославија

Марина Туцаковиќ, најпознатиот српски текстописец, почина на 67 години, по долга борба со ракот на дојката.

Таа пред неколку дена беше примена во приватна болница во Белград, а откако лекарите утврдија дека е позитивна на Ковид-19, беше префрлена во ковид-болницата „Драгиша Мишовиќ“. Таму состојбата ѝ се влошила, па лекарите ја ставија на респиратор.

За време на нејзината долга кариера, Туцаковиќ напиша текстови за неколку илјади песни и соработуваше со најголемите имиња на поп и фолк сцената во регионот.

Марина Туцаковиќ е родена во Белград во 1953 година. И покрај тоа што дипломирала на Економскиот факултет, таа почнала да пишува песни како тинејџерка. Својата кариера ја почна пишувајќи песни за групата „Зана“, а еден од првите хитови ѝ беше песната „Додирни ми колена“.

Оттогаш, таа соработуваше со голем број познати изведувачи од овие простори, како што се Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Џеј Рамадановски, Тоше Проески, Светлана Цена Ражнатовиќ, Жељко Самарџиќ, Жељко Јоксимовиќ, Драгана Мирковиќ, Јелена Карлеуша и многу други.

Авторка е и на неколку песни со кои Србија се претставуваше на Евровизија.

Таа беше мажена за композиторот Александар Фута Радуловиќ и имаше два сина – Милан и Милош, кои почина во 2008 година на 24 -годишна возраст во семејниот дом.

Scroll to Top