Почина Раша Ѓелмаш, тапанарот на култната „ЈУ група“

Рaтислав Раша Ѓелмаш, поранешен тапанар на култната „ЈУ група“, почина во Белград на 72 години. Ѓелмаш свиреше и во „Поп машина“, а беше лидер и на групата „Зебра“.

Ѓелмаш е роден на 26 јануари 1950 година во Белград, интерес за музика покажал во 1966 година, кога со своите врсници од училишниот оркестар ја основал групата „Ангели“. Во март 1972 година ја основа групата „Поп машина“. „Поп машина“ како нова белградска група со свој репертоар брзо стана популарна на белградската музичка сцена.

Подоцна се префрли во „Силуете“, а на крај стана тапанар на тогаш веќе популарната „ЈУ група“, која ја сочинуваа браќата Жика и Драги Јелиќ. Во тие години Раша Ѓелмаш важи за најдобар млад белградски тапанар. Со „ЈУ група“ доживеа голема популарност низ СФР Југославија.

Во 1976 година ја напушти „ЈУ група“ за да ја формира „Зебра“, со која го издаде албумот „Велат дека таков е редот“ (1979), на кој свиреше на тапани и клавијатури, но и пееше.

Во 1982 година, тој го издава соло албумот Hot roсk. По објавувањето на албумот, Ѓелмаш се повлече од музиката и се посвети на автомобилските трки и на својот ресторан.

Во 1989 година се врати во „ЈУ група“ и со бендот ги сними албумите „Трагови“ и „Рим 1994“. На крајот на ’90-тите, тој ја напушти „ЈУ група“ и се повлече од музиката.

Scroll to Top