Почина Војкан Борисављевиќ, композиторот на легендарната „Одисеја“

Познатиот српски композитор и диригент Војкан Борисављевиќ почина денес на 73 години во Белград, пишува „Новости“. Тој ќе остане запаметен како автор на бројни евергрини меѓу кои и „Одисеја“, „А сад адио“ и други.

Роден е на 5 мај 1947 година во Зрењанин, а од 1948 година живее во Белград. Таму студирал на Филозофскиот факултет, а своето музичко образование го стекнал во училишта во Белград и на приватни студии во Париз.

Компонирал повеќе од петсто песни за најпознатите југословенски пејачи – Лео Мартин, Здравко Чолиќ, Ѓорѓе Маријановиќ, Мики Јевремовиќ и многу други, како и за бројни телевизиски серии и филмови, меѓу кои „Сивиот дом“ и „Топол ветер“ и филмот „Лаење на ѕвезди“ за чија музика беше награден со Златна мимоза на Југословенскиот филмски фестивал во Херцег Нови во 1997 година.

Целиот работен век го помина како хонорарен уметник во рамките на Здружението на композитори на Србија со статус на истакнат уметник. Компонираше музика за театар, филм и телевизија, популарни и детски песни, инструментални композиции и аранжмани, кои сочинуваат неколку стотици дела од различни жанрови.

На 22 март 2018 година тој одржа авторски концерт на Големата сцена на Националниот театар во Белград, наречен „Моја одисеја“ и по тој повод му беше врачена наградата „Дарко Красиќ“. Истата година ја објави и книгата „Мојата одисеја“.

Scroll to Top