Место со директен лет Загреб-Скопје, Џибони сменил три аеродроми за да дојде до Скопје. Поради густата магла на скопскиот аеродром вчера беа откажани сите летови, па Џибони и бендот морале да се снаоѓаат за превоз до Скопје. Џибони и дел од бендот полетале кон Виена, а оттаму до Приштина. Од Приштина им бил организиран превоз со комбе. Другиот дел од бендот, пак, се качиле на авион за Белград, а оттаму се снаоѓале до Скопје.
На загрепскиот аеродром неколку обожавателки со солзи го испратиле Џибони. И тие имале билети за истиот лет, но откако бил откажан, не успеале да најдат друг начин за да дојдат до Скопје.
„Две од обожавателките на Џибони, Сандра и Јасна, медицински сестри, немаат пропуштено ниту еден негов концерт. Го следат каде и да оди. Со месеци им беа резервирани авионските билети и многу им беше тешко синоќа кога летот беше откажан. Останаа со солзи во очите“, велат обожавателките на Џибони од Загреб кои денес успеаја да стигнат во Скопје.
Концертот на Џибони ќе се одржи вечерва од 20 часот во Вип арената „Борис Трајковски“. Тој е дел од фестивалот All You Need Is Love, кој „Авалон“ го организира традиционално пред Нова година. Освен Џибони, на фестивалот ќе настапат и Влатко Стефановски со своето трио и бендот „Фанк шуи“.