Си ја бранев честа на погрешен начин: Бјелогрлиќ првпат прозборе за нападот врз Предраг Антонијевиќ

Српскиот актер Драган Бјелогрлиќ, кој пред еден месец беше приведен откако во хотел во Ниш го нападна режисерот Предраг Антонијевиќ, првпат прозборе за инцидентот. Во интервју за Танјуг тој вели дека си ја бранел честа, но сега жали што тоа го направил на погрешен начин.

„Жал ми е што одговорив на несоодветен начин на провокациите што се случија таа вечер и што ова трае веќе една година или повеќе. Како човек и уметник, негувам вредности што ја презираат агресијата и затоа не можам да се гордеам со своите постапки. Јас сум човек кој се држи до својата чест и подготвен сум секогаш да ја бранам достоинствено. За жал, таа ноќ ја бранев честа на погрешен начин“, вели тој.

Актерот додаде и дека му е жал за сите што се повредени од неговото однесување: „Но, тоа е мојот живот, го носам и секогаш ќе го носам со крената глава“, вели Бјелогрлиќ.

За потсетување, Бјелогрлиќ беше приведен на 23 август под сомнение дека го нападнал режисерот Предраг Антонијевиќ и го удрил неколку пати во главата додека седеле во лобито на познат хотел во Ниш. Бјелогрлиќ беше во притвор од 48 часа, а откако го призна нападот пред обвинителството, притворот му беше укинат.

 

Scroll to Top