Татко ми се самоуби во миг на слабост, никогаш не се опоравив од тоа: Бојан Маровиќ првпат раскажа за семејната трагедија

Црногорскиот пејач Бојан Маровиќ во искрено интервју првпат откри дека неговиот татко Дарко се самоубил кога тој имал 16 години. Иако оттогаш поминала 21 година, Бојан вели дека сè уште не може да се помири со неговата смрт. Пејачот првпат јавно зборуваше за најтешкиот период во животот, како му било да расте без татко, а призна и дека жали што Дарко никогаш не го видел како успева во животот.

„Никогаш не стигнав да му кажам толку многу работи што и денес сакам да ги споделам со него. Мислев дека ќе бидеме старци кога ќе разговараме за сè. Моите родители биле многу млади кога ме добиле, па јас не само што останав без татко, туку загубив и пријател“, ја почнал Бојан својата приказна во емисијата „Преживеани“ и раскажал што се случило кобниот ден.

„Татко ми се самоуби. Тоа бил момент, не го планирал тоа. Јас знам дека не сакал да го направи тоа, но се случило во момент на слабост. Сите имаме такви моменти, кога ти се гади од сè. Кога го закопувавме и го спуштавме во земја, дел од мене си замина со него. Никогаш не се опоравив од тоа. Лага е дека времето ги лекува раните. Не лечи, само ги сокрива таму некаде. Многупати доаѓав на неговиот гроб и зборував за тоа што ме мачи. Отпрвин се прашував зошто и како дошло до тоа што си го одземе животот, но како што минуваа годините сфатив дека така морало да биде. Некој би го обвинил Бога, но тој нема врска со тоа, тоа е само твоја одлука. Немаше ништо што укажува на тоа дека тој може да крене рака на себе. Кога тоа се случи, беше како гром од ведро небо, а само замислете како боли после тоа. Бев малку лут некое време, бидејќи мислев дека требаше да биде со мене, но му простив сè“, раскажал Маровиќ.

Бојан откри и дека плачел кога победил на фестивалот „Сунчане скале“, не од среќа, туку бидејќи татко му не бил таму да го слушне

„Плачев затоа што видов празно место покрај мајка ми и кумата. Тоа ме скрши. Се симнав кај мајка ми и плачев како никогаш во животот. Само ѝ реков: ‘Води ме одовде, ова не е за мене’. Сè уште мислам така, музиката е една работа, но шоу-бизнисот не е. Не можам да бидам гад и безобразен. Тогаш и започна мојата животна борба, на 18 години. Морав да ја преземам улогата на татко и да се борам со сите неправди што ме снајдоа. Но, во меѓувреме сфатив дека животот е голема борба и дека не можеш а да не се бориш. Од татко ми научив дека гардот никогаш не се спушта, бидејќи животот е таков. Треба да ја покажеш брадата, да станеш и да одиш понатаму“, рекол Бојан.

 

Scroll to Top