Легендарната пејачка Тереза Кесовија деновиве сними атрактивен видеоспот за францускиот естраден пазар за песната „Килиманџаро без снег“(“(Kilimandiaro sans neige”). Промоцијата на спотот ќе биде на пролет во Париз и во нејзиниот роден Дубровник. Најавена е и промоција во француската амбасада во Загреб.
Тереза Кесовија, легендарната пејачка, првата дама на забавната музика во поранешна Југославија, која и покрај светската пандемија неуморно работи, снима, пее, гостува на ТВ, дава интервјуа, но како и другите поради вирусот единствено нема солистички концерти.
„Тоа е една исклучително љубовна приказна која уверливо со мене низ видеото ја донесоа актерите Франо Машковиќ и Јудита Франковиќ. Има и 20-ина статисти со што на некој начин направивме еден мини-филм. Зборовите за прекрасната балада ги напиша мојот француски пријател и колега Серж Лама, а спотот е во режија на Катја Рестовиќ. Останува само да уживаме во моето ново видеоиздание и во мојата нова француска песна за која голем интерес има и низ целиот простор на поранешна Југославија“, вели славната пејачка.
Таа рече и дека ќе се вакцинира бидејќи не може да патува по светот поради работа, не може ниту дома да седи затворена не знаејќи што би правела со слободното време.