Српската пејачка Милица Павловиќ пееше во ноќен клуб во Охрид, па објави видео на кое се гледа како го фрла на земја телефонот што му припаѓа на дечко од публиката оти тој се обидел да ја фотографира меѓу нозете. Милица на „Фејсбук“ напиша дека случката ја вознемирила, а тоа што ѝ се случило е сексуално вознемирување, кое никоја жена не треба да го трпи.
Пејачката вели дека го предупредила момчето неколкупати да престане, но тој бил упорен и го приближувал телефонот под нејзиното здолниште. Таа забележала дека дечкото сака да ја сними меѓу нозете уште кога почнала да пее. На крајот му го зела телефонот од рацете и го фрлила на земјата.
„Го предупредив еднаш! Го предупредив вторпат! Тоа што сум женско во фустан и се наоѓам на сцената не значи дека не заслужувам основно почитување. Згрозена сум и разочарана од тоа како некои мажи ги третираат жените, како без срам, покрај сите предупредувања, мислат дека може да ни се пикнат под здолништето, а ние веројатно треба да сме среќни и да се чувствуваме пожелни поради тој гест. Не смеам ни да замислам низ што поминуваат девојките кога се излезени и каков третман добиваат од вакви мажи. Ова е еден вид сексуално вознемирување, на кое никој нема право! И, да, повторно би го направила тоа. Повторно без размислување би му го зела мобилниот телефон и би го фрлила за да се заштитам себе и своето достоинство и да им покажам на таквите ‘мажи’ дека тоа што го прават е срамно, недозволиво и заслужува секаква осуда’, напиша таа на „Фејсбук“.