(Видео) Паспаљ направи кош пред зграда, на баскет му дојде цела репрезентација

Легендарниот југословенски кошаркар Жарко Паспаљ неколку месеци сам го уредувал дворот пред зградата во која живее во населбата Врачар во Белград. Без ничија помош од пусто место успеа да направи мини кошаркарски терен на кој ќе играат децата од маалото. Кошаркарската федерација на Србија му донираше кош, а неговите пријатели – кошаркари и глумци, решија тајно да го снимаат како го средува дворот и го направија документарниот филм „Соседот Паспаљ“.

Откако го реализираше својот план и го постави кошот, поранешниот српски репрезентативец доби неочекувани „гости“ – целата српска репрезентација дојде да игра кошарка на новиот терен на Паспаљ. Најпрво Жарко се сретна со Дејан Томашевиќ, кој е сега претседател на Кошаркарската федерација на Србија, а потоа дојде и селекторот на репрезентацијата, Александар Ѓорѓевиќ, неколку репрезентативци, глумците Драган Бјелогрлиќ, Никола Ѓуричко и други.

Емотивната средба на некогашните кошаркари, нивното дружење на маалски баскет и пораката на Паспаљ дека децата треба да се посветат на спортот наместо да седат пред компјутери го направи „Соседот Паспаљ“ еден од најсподелуваните документарни филмови во поранешна Југославија.

Жарко Паспаљ во кариерата играше за голем број големи клубови. Постигна бројни успеси и со репрезентацијата на Југославија. Освои две сребрени медали на Олимпииските игри, три златни и еден бронзен медал на Европските првенства, а во 1990 година на Светското првенство во Аргентина освои злато.

Scroll to Top