Српскиот пејач Михајло Веуровиќ – Војаж спречи девојка да се фрли од Бранковиот мост во Белград. За младиот музичар, јавноста сега вели дека е вистински херој, бидејќи успеал да ја спаси девојката што сакала да се самоубие. Војаж раскажа што се случувало пред да дојде полицијата и како успеал да ја разубеди девојката да не скокне.
„Целото искуство беше мачно и напнато. Мојот пријател Никола и јас заедно возевме велосипед на Бранковиот мост, одевме до градот. Видовме дека девојката ја прескокна оградата. Во моментот кога ни изгледаше дека сме доволно блиску, само скокнавме и ја фативме околу градите и горниот дел од телото. Помеѓу нас беше оградата на Бранковиот мост. Цврсто ја држевме на работ за да не се фрли“, вели тој за „Курир“.
Тој додаде дека ја смирувале, ѝ велеле дека не е сама и дека тие ѝ се пријатели што сакаат да и помогнат.
„Ние зборувавме со неа, многу зборувавме. Ја смирувавме и ѝ рековме дека може да зборува со нас, за тоа низ што поминува ако е потребно и цела вечер и цел ден, а ние нема да одиме никаде. Ѝ кажавме дека во нас може да види сојузник и приајтел и дека низ што и да поминува не е сама. Така ја држевме некое време. Не сакам сега да откривам сѐ, тоа е сепак нејзин приватен живот и приватна работа, тоа сега не е ни важно. Во следниот момент дојде уште еден човек, потоа таа почна малку да попушта и сфативме дека тоа е тоа. Сите тројца ја зграбивме и ја префрливме преку оградата на безбедно. Моравме да ја држиме додека да дојде полицијата и Брзата помош“, рекол Војаж.
Српските медиуми пишуваат дека е потребна голема храброст, но и смиреност кога некој ќе се најде во ситуацијата во која бил музичарот.
„Тоа што Војаж го направи е за пофалба, без размислување да го ризикува својот живот за некој друг. Ретки се таквите луѓе“, пишуваат тие.