Еден од најконтроверзните ликови во Хрватска, фудбалскиот функционер и менаџер Здравко Мамиќ, бил застрелан со огнено оружје од непознат напаѓач во близина на гратчето Томиславград, во БиХ, пренесуваат хрватските медиуми. Било пукано од грмушка, по што напаѓачот побегнал. Контроверзниот Мамиќ бил ранет во десната натколеница и кога му била укажана прва помош во локалната болница, бил однесен во Сплит. Лекарите велат дека е надвор од животна опасност.
„Врз господинот Мамиќ беа испукани истрели од огнено оружје и тој доби тешки телесни повреди. Беше во приватна посета на Томиславград, каде што доаѓа секоја година во ова време, што значи дека нападот бил планиран – соопшти најтрофејниот хрватски фудбалски клуб „Динамо Загреб“, каде што Мамиќ сега ја извршува функцијата советник. Пред извесно време Мамиќ беше физички нападнат на хрватскиот остров Бол кога во туристичкото место Брач беше фрлен во морето.