„Жика во трафика, мене колата ми ја крадат, хаос“-актерот од бугарската серија „Под прикритие“ во Скопје

Улогата на Мартин, добриот полицаец од популарната бугарска серија „Под прикритие“, го прослави  глумецот Ивајло Захариев не само во неговата земја туку и во регионот. И македонската публика го препозна бугарскиот актер Ивајло на премиерата на филмот „Јужен ветар“ што викендов се одржа во киното „Синеплекс“ во Скопје. Го застануваа, му бараа автограми и се сликаа со него. Тој, пак, во интервју за „Репортер“ откри дека дружењето со публиката му е еден од омилените делови од работата. „Го вреднуваат тоа што го работам, среќен сум за тоа“, рече Ивајло и ни раскажа за снимањето на популарниот филм, за дружењето со српските глумци Небојша Глоговац, Жика Тодоровиќ и Милош Биковиќ, но и за неговите идни планови.

Репортер: Во филмот „Јужен ветар“ имаш мала, но значајна улога бидејќи од твојот лик почнува заплетот. Како би го опишал Христо за оние што не го гледале филмот?

„Мојот лик, Христо, не е ни добар ни лош, само глупав човек. Всушност, неговиот глупав избор и фактот што не ги следи упатствата се причината за сето она што се случува до крајот на филмот. Но, убаво ми беше да го играм, забавно беше на снимањето“.

Сцена од „Јужен ветер“

Репортер: Во филмот имаш сцена со сега веќе починатиот српски актер Небојша Глоговац. Неговата последна улога беше токму во овој филм. Какво беше чувството да се игра покрај овој актер?

„Вистинско задоволство беше да се работи со Глоговац. Не го знаев од порано, но веднаш почувствував дека е човек со голема харизма. Ми беше чест што снимав заедно со него во неговиот последен филм. На самото снимање имаше многу интересни моменти, не само со Глоговац, туку и со Милош Биковиќ и Жика Тодоровиќ. На пример, додека ја снимавме сцената пред трафиката, во самата трафика немаше продавачка, туку Жика глумеше дека продава. Сетот не беше затворен, па доаѓаа луѓе да си купуваат весници, несвесни дека снимаме. Кога ќе го видеа Жика внатре, бараа да влезат во трафиката или тој да излезе за да се сликаат. Истото се случуваше и додека снимавме со Милош, сите сакаа да се сликаат со него, па едвај ја снимивме сцената. Да не откривам многу, но кога снимавме како ми го крадат автомобилот, а јас викам полиција, ми притрчуваа минувачи и сакаа да ми помогнат, да викнат тие полиција, некои дури и скокаа пред автомобилот за да пробаат да го запрат крадецот“.

Сцена од „Јужен ветер“

Репортер: Какви беа реакциите на македонската публика по премиерата?

„Мора да признаам дека луѓето реагираа одлично. По премиерата разговарав со многу луѓе што беа во кино и сите ми рекоа дека им се допаднал филмот. Некои и ми кажаа дека ме препознаа од серијата ‘Под прикритие’ што ја гледале кај вас или преку интернет. Филмот наскоро ќе почне да се прикажува во Бугарија, па се надевам на истите позитивни реакции.“

Ивајло пред скопската публика

 

Репортер: Во Бугарија се прослави со серијата „Под прикритие“. Серијата веќе не се снима, па што е следно на што работиш?

„Пред серијата ‘Под прикритие’ снимив два филма, но заради серијата публиката почна да ме препознава, да го вреднува тоа што го работам. Тоа е голем успех за мене. Наскоро почнувам да снимам нова серија, ‘Забрзување’ па се подготвувам за тоа. Но, се надевам дека во скоро време ќе дојдам пак во Македонија, за во неколку града да го промовираме филмот ‘Под прикритие’ со неколку други глумци“.

 

Андријана Јовановска

Scroll to Top